Плаќања и банка
Како да ги внесеш банкарските изводи, да ги увезеш преку MT940 или да ги повлечеш директно од е-банкинг, и да ги поврзеш уплатите со твоите фактури во Финора — за секоја фактура автоматски да се означи како платена.
Што е ова?
Во делот „Плаќања" ги следиш парите што влегуваат и излегуваат од твоите банкарски сметки. Тука ги внесуваш банкарските изводи (изводите што ти ги дава банката), а Финора ги поврзува уплатите со твоите фактури — така секоја фактура автоматски се означува како платена штом парите ќе стигнат.
Наместо рачно да бараш која уплата се однесува на која фактура, Финора го прави тоа наместо тебе: увезуваш MT940 датотека од банката (или внесуваш извод рачно), а системот ти предлага „Можни поврзувања" за секоја трансакција.
Каде ги гледаш плаќањата и изводите
Отвори „Плаќања" во левото мени. Лево ја гледаш листата „Банкарски изводи" (можеш да ја филтрираш по „Година"), а десно се отвора избраниот извод со сите негови трансакции. Горе имаш две копчиња: „Нов" за нов извод рачно и „MT940 импорт" за увоз од банката. Ако сметката е поврзана со е-банкинг (Комерцијална банка), веднаш под нив стои и блокот „Повлечи од банка“ — изводите доаѓаат директно, без датотека.

💡 Ако немаш ниту еден извод, Финора ти покажува „Импортирај MT940 или создади нов" — почни со било кое од двете.
Како да внесеш банкарски извод
Имаш два начина: рачно, или преку MT940 датотека од твоето е-банкарство. MT940 е стандардна датотека што ти ја нуди банката за преземање на сите трансакции одеднаш.
- Рачно: притисни „Нов". Се отвора формата „Нов банкарски извод".
- Избери „Банкарска сметка" од сметките на твојата фирма, внеси „Број на извод" и „Датум".
- По желба внеси „Почетна состојба" и „Завршна состојба" (салдото пред и по изводот).
- Зачувај — изводот се појавува во листата лево, а потоа во него ги додаваш трансакциите.
- Или преку MT940: притисни „MT940 импорт", избери „Банкарска сметка", повлечи ги датотеките во полето (или кликни за да ги избереш — поддржани се .sta, .mt940, .txt; може и повеќе одеднаш).
- Притисни „Увоз…". Финора ги вчитува сите трансакции и веднаш се обидува да ги поврзе со твоите фактури и партнери.
💡 Додека го пишуваш бројот на изводот, Финора проверува дали таков број веќе постои НА ИСТАТА СМЕТКА и, ако постои, покажува предупредување со линк до постоечкиот — уште пред да зачуваш. Проверката е по сметка, не само по број: ист број на две различни сметки е сосема нормално. Двојно внесен извод не е само дупли редови — ги дуплира и наплатите врз фактурите, што потоа го крива салдото на партнерот.

Повлечи од банка (е-банкинг)
Третиот начин, без датотека: ако сметката е поврзана со е-банкинг на Комерцијална банка (се поврзува во Подесувања → Банкарство, со корисничкото име и лозинката од порталот на банката), во „Плаќања“ веднаш под копчињата „MT940 импорт“ и „Нов“ стои блокот „Повлечи од банка“. Тука нема креденцијали ниту поврзување — само избор на период и едно копче.
- Лево, под копчињата, избери го периодот: „7 дена“ (последната недела заклучно со вчера), „30 дена“ (последниот месец заклучно со вчера) или „Период“ — тогаш се појавуваат два датума што сам ги бираш, најмногу 92 дена одеднаш (едно тромесечие); иден датум не се зема.
- Притисни „Повлечи изводи“. Додека трае, копчето врти и покажува докаде е стигнато (на пример: ден 12/30), а изборот на период е заклучен.
- На крај добиваш краток збир, листата лево се освежува и се отвора изводот за најновиот увезен ден.
💡 Долг период Финора го повлекува на парчиња и САМ продолжува од таму каде што застанало — ти не правиш ништо. Копчето „Продолжи“ (со бројот на преостанати денови) се појавува само ако повлекувањето застанало пред крајот (банката одговара многу бавно или паднала мрежата); притисни го и продолжува точно од преостанатите денови. Ништо не се губи и ништо не се повторува.
| увезени | Денови за кои е повлечен и запишан извод — тие се сега во листата лево. |
| без извод | Банката одговори дека за тие денови нема извод (немало промет или уште не е формиран). |
| веќе постоечки | За тие денови веќе имаш извод за таа сметка — сеедно дали го повлекол Финора сам во 07:00 или си го увезол ти рачно. Банката воопшто не се прашува за нив, па ист ден никогаш не се повлекува двапати. |
| со грешка | Денови што банката ги одби или не одговори; до бројот стои причината за првиот од нив. Другите денови од периодот сепак се повлечени. |
| преостанати | Денови до кои повлекувањето не стигна — за нив служи „Продолжи“. |
💡 Блокот го гледаш само за сметка што има поврзан е-банкинг. Ако избраната сметка не е поврзана, наместо блокот стои кратка реченица со линк кон Подесувања → Банкарство. Секое утро во 07:00 Финора и сам го повлекува вчерашниот извод за секоја поврзана сметка — рачното повлекување ти треба за постари денови или кога некој ден не успеал.
Предлог за плаќање (кому треба да платиш)
Во „Плаќања“, горе лево до насловот „Банкарски изводи“, стои линкот „Предлог за плаќање“. Тој ги собира сите потврдени набавни фактури што уште не се целосно платени и што се доспеани до избраниот датум, подредени по добавувач. Ништо не се плаќа и ништо не се зачувува — ова е листа за одлука и за одобрување.
- Отвори „Предлог за плаќање“. Полето „Доспеани заклучно со“ е денешниот датум; смени го ако сакаш да видиш и што доспева наскоро, па притисни „Прикажи“.
- Прегледај ги добавувачите. Во редот на секој добавувач стои неговата сметка (од картичката на партнерот — прво онаа означена како главна; ако главната не е во облик на денарска сметка, на пример странска сметка, се зема следната исправна денарска) и износот „за плаќање“ според тоа што си го избрал.
- Штиклирај што ќе се плаќа. Доспеаните фактури и книжните одобренија се веќе избрани; фактурите без рок и оние со ознака не се — нив ги избираш свесно.
- Притисни „Налози за одобрување“ за PDF (со места за потпис „Составил“ и „Одобрил“) или „CSV“ за табела во Excel.
| Остаток | Колку уште се должи по фактурата, според уплатите поврзани со неа. |
| Без рок | Фактура на која не е внесен датум на доспевање. Се прикажува, но не е избрана — одлучи сам. |
| Книжно одобрение (КО) | Се одзема од фактурите на истиот добавувач. Ако КО е поголемо од фактурите, за тој добавувач нема налог. |
| За плаќање | Избраните фактури минус избраните КО за тој добавувач. Никогаш не оди под нула. |
| Уште не се доспеани | Колку фактури доспеваат по избраниот датум — не се во листата, само се бројат. |
💡 Фактурите во странска валута се во посебна табела „Девизни обврски“ и не влегуваат во налозите — девизната дознака е посебен налог кон банката. Ако ги штиклираш, во PDF-от се наведени само како напомена.
⚠️ Компензациите и поравнетите аванси не се одземаат автоматски. Фактурата што има компензација или поравнет аванс е обележана („Има компензација за овој документ“, „Поравнет даден аванс“) и не е избрана — провери ја пред да ја платиш, за да не платиш двапати. Кај добавувачот се истакнати и исплатите кон него без поврзан документ и исплатите од благајна (со износ), затоа што и тие не се одземаат. Сите ознаки се печатат и во PDF-от (делот „Ознаки“) и во CSV-то (колона „Ознаки“), за да ги види и тој што го потпишува налогот.
💡 Сметката на примач се проверува само по облик (15 цифри) и по банката од првите три цифри. Ако пишува „нема 15 цифри“ или „нема сметка“, поправи ја во картичката на партнерот. Контролните цифри на сметката не се проверуваат.
⚠️ „Избраните документи повеќе не се во предлогот“ — меѓувреме некоја фактура е целосно платена, оспорена или со сменет рок. „Износот за плаќање се сменил од прикажувањето“ — меѓувреме е внесена делумна уплата или ново книжно одобрение, па износот во налогот би бил различен од оној на екранот. Во двата случаи притисни „Прикажи“ и провери го изборот. Ако си го сменил датумот, прво „Прикажи“, па извоз.
Како да поврзеш трансакција со фактура или партнер
Секоја трансакција што Финора не ја препознал сама останува во статус „Неповрзан". Ти ја поврзуваш за да знае системот кон која фактура оди уплатата.
- Во отворениот извод најди ја трансакцијата со статус „Неповрзан".
- За да ја поврзеш со фактура, притисни „Поврзи со документ" и избери фактура од листата „Неплатени фактури" (за одлив — „Неплатени набавки"). Изборот на фактурата автоматски го пополнува износот со остатокот за наплата.
- Ако само сакаш да означиш кој е партнерот, без конкретна фактура, притисни „Поврзи со партнер" и избери го партнерот.
- Кога трансакцијата е поврзана, статусот станува „Поврзан", а фактурата се затвора (означена како платена).
💡 Погледни ја колоната „Можни поврзувања" — Финора веќе ти ја предлага најверојатната фактура според референцата (повикот на број) и партнерот. Ако предлогот е точен, само потврди го.
💡 Набавка во странска валута (EUR, CHF, USD): на денарски извод се нуди со остатокот во денари, по курсот на набавната. На девизен извод се нуди само набавка во ИСТАТА валута, со остатокот во таа валута — извод и набавка во различни валути не можат да се поврзат. Автоматското поврзување не ги затвора девизните набавки на девизен извод: таквиот одлив поврзи го рачно во деталот на трансакцијата, во „Распределба на фактури“. Платеното на девизна набавка се води во денари.
💡 Ако згрешиш, притисни „Отстрани врска" на редот и поврзи повторно. Може и „Игнориран" за трансакции што намерно не сакаш да ги поврзуваш (пр. банкарска провизија).
Полиња и статуси објаснети
| Прилив | Пари што влегуваат — уплата од клиент. Прикажани во зелената колона. |
| Одлив | Пари што излегуваат — исплата кон добавувач. Прикажани во црвената колона. |
| Поврзан | Трансакцијата е поврзана со фактура или партнер — уплатата е распоредена. |
| Неповрзан | Трансакцијата уште не е поврзана и чека твоја акција. |
| Игнориран | Трансакција што намерно си ја прескокнал (пр. провизија што не се врзува за фактура). |
| Скор на поврзување | Колку Финора е сигурен во автоматскиот предлог (0–100). Повисок скор значи посигурен предлог. |
| Почетна / Завршна состојба | Салдото на сметката на почетокот и на крајот на изводот. |
Чести грешки
⚠️ „Изберете банкарска сметка" — не можеш да зачуваш извод ниту да увезеш MT940 без прво да избереш банкарска сметка. Ако немаш сметки, прво додади ги на твојата фирма во Подесувања.
⚠️ „Периодот е N дена — најмногу 92“ — кај „Повлечи од банка“ периодот е ограничен на едно тромесечие одеднаш. За подолго, повлечи два пати; веќе повлечените денови не се повторуваат.
⚠️ Ако уплата не се поврзе сама, тоа обично значи дека референцата (повикот на број) во изводот не се поклопува со фактурата — поврзи ја рачно преку „Поврзи со документ".
💡 Поврзувањето на трансакции е најудобно на широк екран (компјутер); на телефон трансакциите се гледаат како картички.
⚠️ Ако распределиш повеќе отколку што изнесува остатокот на фактурата, Финора те предупредува под редот и го обележува полето црвено — но НЕ те запира. Тоа е намерно: понекогаш вишокот навистина припаѓа на друга фактура, а ти си тој што знае на која. Предупредувањето вели дека нешто не се совпаѓа, не дека си погрешил. ⚠ Вишокот што ќе остане го крива салдото на партнерот, па не го оставај „да се среди подоцна“.
💡 Ако сакаш да видиш каде тоа веќе се случило, во листата „Набавки“ има кофа „Прекумерно наплатени“ — таа ги собира документите каде збирот на наплатите го надминал износот. Кофата НЕ го почитува филтерот по година, зашто такви случаи речиси секогаш се стари. Најчестата причина не се дупли пари туку иста референца употребена на повеќе трансакции — на пример месечна услуга каде клиентот го препишувал истиот повик на број секој месец.
Поврзано
Продажба — фактурите што се затвораат кога ќе стигне уплатата. Набавки — фактурите за набавка што ги плаќаш. Сметководство → „Банк. изводи" — таму сметководителот ги книжи изводите во дневник. Ако нешто не работи како што очекуваш, користи „Пријави проблем" преку помош-ботот (копчето долу-десно на екранот).